Како да користите уредник на фотографии

Откријте ги основите на уредување фотографии со областа за вежбање SquirrelEditor.

Во овој курс можете да го користите практичниот онлајн уредник на фотографии за да ги пробате следните активности за уредување фотографии:

  • избирање слика
  • осветлување на слика
  • поправка на дамки
  • зачувување на уредена верзија од сликата.

Интерфејсот во нашата област за вежбање SquirrelEditor можеби изгледа малку различно од апликацијата на вашиот компјутер или од други апликации на вашиот компјутер, но сепак ќе можете да го следите курсот.

Фотографијата на која можете да вежбате уредување е од девојче што се вика Ејми и нејзиното омилено куче Скрафи. Фотографијата треба да се осветли и има голема дамка што треба да се поправи.

Уредник на фотографии

Како фотографијата се најде во SquirrelEditor

Во овој пример фотографијата што ќе ја уредувате е една од три фотографии што веќе се поставени во SquirrelEditor. Фотографијата беше „дигитализирана“ од стара отпечатена слика. Ова беше извршено така што со паметен телефон се слика внимателно една добро осветлена фотографија од печатената фотографија, а потоа се сподели со компјутер како датотека на слика.

Датотеката, заедно со уште неколку други датотеки на фотографии, потоа се постави во нашата апликација за уредување фотографии, наречена SquirrelEditor.

Како да изберете фотографија за уредување

Во долниот дел на панелот на SquirrelEditor се наоѓа една редица минијатури. Нагласената минијатура во редицата се прикажува поголема во панелот.

  1. Кликнете на сликата на Ејми и Скрафи за да ја нагласите.
  2. Сликата се појавува поголема во панелот и можете да ги видите деталите, вклучувајќи ја и дамката.
  3. Сега, кликнете на копчето Уреди (Edit button) за да ја изберете сликата што сакате да ја уредите и да го отворите Режимот за уредување (Edit mode).

Како да ја изберете картичката Приспособувања

Во Режимот за уредување избраната слика го пополнува панелот и минијатурите повеќе не се гледаат. Можете да видите дека сликата е малку претемна, па можете да ги проверите опциите во менито Уреди, за да видите што можете да направите. Опциите вклучуваат:

  • отсечи и врти
  • приспособувања
  • филтри.

Кликнете на Приспособувања (Adjustments) за да изберете и да видите некои нови опции.

Приспособување на осветленоста на фотографија

Панелот на приспособувања (Adjustments panel) вклучува контрола на Осветленост (Brightness) и прикажува редица со минијатури со различни нивоа на осветленост.

  1. Нагласената минијатура го покажува моменталното ниво на осветленост на главната слика во панелот.
  2. Минијатурите лево од нагласената минијатура се потемни, а оние што се наоѓаат десно се посветли.
  3. Ако кликнете на минијатурата што се наоѓа целосно десно, сликата станува премногу светла.
  4. Ова можете да го поправите веднаш со кликнување на следната минијатура лево.
  5. Вака е добро. Исто така, ќе видите дека не беше потребно да ја вчитате повторно сликата или да притиснете на копчето Врати (Undo button) за да ја отстраните верзијата што беше премногу светла.

Како да користите Поправка на точки за да отстраните дамка

Панелот за приспособувања (Adjustments panel) вклучува алатка за Поправка на точки (Spot fix) за да се отстранат дамки на фотографија. Можете да видите знак што личи на дамка од мастило на фотографијата на Ејми и Скрафи. Ајде да ја отстраниме!

  1. Кликнете на иконата со четка за да почнете да ја користите алатката за Поправка на точки.
  2. Сега, кликнете на иконата со четка со средна големина (medium-sized brush icon) за да ја изберете.
  3. Покажувачот се менува во круг што има приближно иста големина со дамката што ќе ја отстрани.
  4. Преместете го кругот над дамката и кликнете на левото копче на глувчето.
  5. Готово! Дамката исчезна.

Апликацијата SquirrelEditor интелигентно избира делови од сликата околу дамката и ги копира над неа. Ова функционира добро во области кадешто нема многу детали, како на пример небо, но кај посложени шаблони можеби ќе треба да кликнете неколкупати со цел уредникот на фотографии да може да го помеша поглатко новиот дел на сликата преку дамката.

Проверка на својства на слика: име и тип на датотека

Сега, штом завршивте со уредување на фотографијата, време е да ја зачувате. За да го направите тоа, потребни се неколку чекори.

  1. Во панелот Приспособувања (Adjustments) кликнете на копчето Зачувај како (Save as).
  2. Ќе се појави скок-прозорецот Зачувај слика (Save image).
  3. Во опциите кликнете на поставката Име на датотека (File name).
  4. Внесете име на датотека за да ви биде полесно да ја препознавате сликата во иднина,како на пример amy-scruffy.
  5. Апликацијата SquirrelEditor автоматски го одреди типот на датотека на PNG (добар формат за споделување онлајн), но ние сакаме да го смениме во JPG (добар формат за печатење).
  6. Од поставката Тип на датотека (File type) кликнете на JPG.
  7. SquirrelEditor ќе го ажурира автоматски името на датотека во amy-scruffy.jpg.
  8. Можете да кликнете на Зачувај (Save) сега, но пред да го сторите тоа, ајде најпрво да го провериме квалитетот и големината на датотека.

Проверка на својствата на слика: квалитет и димензии на слика

За да ја зачувате сликата како голема, висококвалитетна датотека соодветна за печатење, треба да приспособите две поставки.

  1. Во поставката Квалитет (Quality) кликнете на Висок (High). Така ќе бидете сигурни дека фотографијата ќе изгледа добро кога ќе ја отпечатите.
  2. Можете да видите дека димензиите на фотографијата се 9.856 пиксели од една до друга страна. Ова значи дека зачуваната датотека ќе биде многу голема (14,5 MB).
  3. Можете да заштедите простор во складот на вашиот компјутер така што ќе ја направите фотографијата помала во пиксели.
  4. Кликнете во полето Ширина на слика (Image width) и внесете го бројот 3.264.
  5. Висината на слика (Image height) автоматски ќе се намали пропорционално на ширината на новата слика за да се обезбеди дека фотографијата не е изобличена.
  6. Можете да видите дека под минијатурата големината на слика сега е 4,5 MB. Многу подобро од 14,5 MB!

Како да ја зачувате уредената фотографија

Сега, штом својствата на слика се ажурираа и сликата е подготвена за печатење, можете да кликнете на копчето Зачувај (Save) во скок-полето за да ја зачувате уредената фотографија. Полето ќе се затвори и уредената слика ќе се прикаже на панелот на SquirrelEditor. Исто така, ќе се прикаже и покрај оригиналната слика во редицата со минијатури во долниот дел на панелот. Можете да воочите која беше оригиналната и која е уредената фотографија бидејќи:

  • уредената фотографија е посветла
  • уредената фотографија нема дамка помеѓу Ејми и Скрафи.